Синиша Михајловиќ, легендата на југословенскиот и српскиот фудбал, денеска го прослави својот 50. роденден со големо интервју за „Ла газета дело спорт“ во кое зборуваше и за својот приватен живот, војната во поранешна Југославија и односите со воениот злосторник Жељко Ражњатовиќ-Аркан.
„Сите војни се одвратни, но братоубиството кое го поминавме ние во поранешна Југославија е нешто најлошото што можеше да се случи. Пријатели кои пукаа еден на друг, семејства кои беа разделени. Мојот народ страдаше, градовите беа уништени, луѓето убиени. Мојот најдобар пријател ми го уништи домот. Мојата мајка е Хрватка, а таткото ми е Србин. Кога тие се преселија од Вуковар во Белград, мојата мајка го повика својот брат Иво и му кажа да дојде во куќата. Мојот вујко и одговори: ’Зошто го однесе мажот? Таа српска свиња требаше да остане тука да ја заколеме’. Ете, таква беше состојбата тогаш“, објаснува Михајловиќ.
Неговото пријателство со Аркан пак, предизвика многу контроверзи во Србија, но и во Италија.
„Јас предадов еден некролог за него. Тој ми беше пријател како водач на навивачите на Црвена звезда. Секогаш се однесуваше добро кон нас од клубот и од репрезентацијата. Тој го фати мојот вујко Иво и го спаси. Сакаа да го убијат, но Аркан тоа не го дозволи и веднаш ми се јави на телефон. Зборував многу пати за него, дека го познавав пред војната, дека ги осудувам неговите злосторвства, но и за тоа што значеше тој за Србите тогаш. Мора да поминат уште две децении за да можеме објективно да зборуваме за војната. Таа беше разорна за сите, и истото ќе го повторат и Хрват или Босанец. Проживеавме лудило на историјата“, додава актуелниот тренер на Болоња.
Михајловиќ е роден во Вуковар, град кој многу страдаше од војната.
„Вуковар за мене беше најубавиот град на светот. Потоа стана симбол на војната. По војната дојдов пак во Вуковар и не можев да го препознаам. Само скелет од зграда, еден куп ровови. Птиците не летаа. Немаше кучиња на улиците. Вистински град на духови“, објаснува Михајловиќ.