Српскиот фудбалски ас Синиша Михајловиќ почина на 53-годишна возраст по долга и тешка битка со леукемијата. Илјадници фанови ширум светот се простуваат од човекот кој беше одлика за храброст и упорност и во текот на неговата кариера, а и во животот.
Франческа Бонифаци, директорка на програмата за напредни клеточни терапии во Поликлиниката во Болоња, истакна дека Синиша Михајловиќ бил најхрабриот пациент што го имала.
„За мене тој беше совршен пациент, со голема личност и во исто време со способност да има целосна доверба. Имаше многу лоша болест, една од најагресивните што ги имам некогаш видено. Пораката што тој ја даде на сите нас е храброста да се оди напред. Храброста да не се плашиш да се соочиш со нешто што не го знаеш, да веруваш и да се бориш без да се плашиш од болка“, изјави Бонифаци за италијанските медиуми.