Пари Сен-Жермен е елиминиран во четврт-финалето од Францускиот Лига куп, откако во неверојатен меч, Генгам успеа со два пенали (81. и 91. минута) да направи вистинска сензација.
ПСЖ немаше пораз во купот од 2014 година, откако ги освојуваа титулите од Францускиот куп и Лига купот од сезоните 2014/15, и имаа низа од 49 победи во куп-натпреварувањата пред да налетаат на малиот клуб од Бретања.
Тимот на Томас Тухел имаше мака во првото полувреме да го скрши отпорот на ривалот, кој во 61. минута имаше совршена шанса да поведе, но синот на легендарниот Лилијан Турам, Маркус не успеа да погоди. Само две минути подоцна следуваше казна – Нејмар ги донесе „светците“ во водство.
Меѓутоа, драмата беше резервирана за последните десетина минути. Прво во 81. минута повторно беше досуден пенал, кој Јени Атито Н’Гбакото го реализираше, за во 91. минута да биде досуден и трет пенал за гостите. Маркус Турам овојпат беше прецизен за славна победа на Генгам.
По ова следуваа грди сцени на „Паркот на принцовите“, и Нејмар, Марко Верати и Единсон Кавани добија жолти картони за неспортско однесување.