Синот на Џорџ Веа, претседателот на Либерија и фудбалска легенда, Тимоти Веа потврди дека во јануари ќе замине од Пари Сен-Жермен за да добие шанса да биде првотимец.
Американскиот репрезентативец влезе во составот на ПСЖ на крајот на минатата сезона, но не успеа да го задржи местото под новиот тренер Томас Тухел и не бил во составот од август. 18-годишниот Веа го објави ова преку Инстаграм, заблагодарувајќи се на навивачите на ПСЖ.
„Сакам да ви ја објавам одлуката да одам на позајмица оваа зима. Сакам да се заблагодарам на навивачите и на тренерите кои беа зад мене и посакувам да се освои титулата од Лигата на шампионите. По овие шест месеци сакам да се вратам на ’Паркот на принцовите’ и да бидам горд парижанец“, напиша Веа.
Една опција за Веа е шкотскиот шампион Селтик, бидејќи тренерот Брендан Роџерс уште бара замена за напаѓачот Муса Дембеле кој замина во текот на летото. Веа јуниор би можел да игра во Лига Европа, каде што Селтик играат со Валенсија во 1/16 финалето.
Фото: ЕПА