Манчестер сити очигледно нема намера да го испушти првото место во англиската Премиерлига, стигнувајќи до рутинска 4:0 победа на гостувањето кај Њукасл, додека Челси повторно загуби поени, откако Премиерлигата одби да го одложи гостувањето кај Вулверхемптон поради голем број на КОВИД-случаи во тимот, и тие одиграа само 0:0 на „Молињу“.
Рубен Дијаш се најде на вистинското место уште во 5. минута на „Сент Џејмс парк“ по асистенцијата на Жоао Кансело за да најави нов тежок меч за Њукасл. Самиот Кансело во 27. минута зголеми на 0:2, по што во второто полувреме, и покрај целосната иницијатива на Сити и поседот на топка од над 70 отсто, тие додадоа само уште еден гол, кога Ријад Марез во 63. минута го постигна третиот гол, пред Рахим Стерлинг во 86. минута да зголеми на 0:4.
Челси пак, сега паднаа на 6 поени од тимот на Гвардиола, откако беа бесни на Премиерлигата која ги примора да го играат мечот со Вулверхемптон иако имаат само 19 регистрирани сениорски фудбалери поради пандемијата на КОВИД-19. Тие имаат вкупно 7 позитивни фудбалери, така што Томас Тухел мораше да импровизира на гостувањето кај „волците“. По ремито, „сините“ имаат само една победа во последните четири меча во Премиерлигата.
ПРЕМИЕРЛИГА, 17.КОЛО
Њукасл – Манчестер сити 0:4
Вулверхемптон – Челси 0:0