Манчестер сити ја освои првата од можните четири титули оваа сезона, откако во финалето на Карабао купот (лига-куп) на „Вембли“ дури по изведувањето на пенали го совлада Челси со 4:3, откако по 120 минути немаше голови.
За разлика од претходната средба меѓу двата тима, кога Сити со 6:0 го декласираше Челси, овојат „сините“ беа многу посериозен противник, но на крајот не успеваат да стигнат до титула за тренерот Маурицио Сари, кој останува под притисок на „Стемфорд бриџ“.
Манчестер сити имаше повеќе од играта и од поседот на топката во текот на 90-те минути, а имаа и поништен гол поради офсајд на Серхио Агуеро. Во продолжението, двата тима како да се помирија со изведувањето на пенали со 30 минути игра без поголема акција.
Пред изведувањето на пенал-серијата имаше мала драма, откако голманот на Челси, Кепа Аризабалага се повреди, но инсистираше да остане на голот во расправија со Сари. Кога почнаа, пеналите не беа добри за Челси, откако често критикуваниот Жоргињо беше првиот кој беше непрецизен.
Иако Кепа им даде надеж со одбранетиот пенал на Лирој Сане, Давид Луиз ја погоди стативата, за да дозволи Рахим Стерлинг да биде сигурен и да го донесе трофејот за „граѓаните“, кои остануваат во трка и за трофеи од Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите.