Top Sport

Сити преку Баварија до средба со Реал, Интер и Милан во градско полуфинале

Манчестер сити не дозволи никакво изненадување на „Алијанц арената“ одигрувајќи 1:1 со Баерн Минхен, за со неверојатни вкупни 4:1 да го елиминираат тимот на Томас Тухел во четврт-финалето на Лигата на шампионите и да закажат мега-пресметка со актуелниот шампион, Реал Мадрид.

На „Сан Сиро“, пак, Интер одиграа 3:3 со Бенфика по гостинскиот 2:0 триумф, за да закаже уште поинтригантно полуфинале против лутиот градски ривал, Милан.

Во Минхен, Тухел најави дека на Баерн ќе му биде потребно „чудо“ да го помине англискиот шампион, и тоа не беше на повидок. Во првото полувреме, пак во главна улога беше Ерлинг Халанд. Прво Норвежанецот го примора судијата Клеман Турпан да му даде црвен картон на Дајот Упамекано по неговиот фаул над Халанд пред празен гол, пред само десетина секунди подоцна да го повлече по досудениот офсајд.

Упамекано и Халанд беа главни протагонисти и до крајот на мечот. Во 38. минута од мечот, беше досуден пенал по ненамерното играње на Упамекано со рака во шестнаестникот, но Халанд по 18 прецизни пенали во кариерата, ја прати топката високо над голот. На почетокот на второто полувреме, во 57. минута, немаше грешка. Кевин де Брујне го пронајде Халанд, кој го „седна“ Упамекано со интересен потег, за да го совлада Зомер за 0:1. Баерн се врати во играта во 82. минута, кога повторно беше досуден пенал за игра со рака во шестнаесетникот, а Џошуа Кимих не згреши

Во Милано, пак, имаше шоу на убави голови, а тимот на Симоне Инзаги без проблем влезе во полуфиналето. Николо Барела, слично како на првиот меч во Лисабон, постигна прекрасен гол во 14. минута, пред Бенфика да одговори во 38. минута со исто толку убав гол на Норвежанецот Фредрик Аурснес.

„Нераѕурите“ во второто полувреме ставија крај на сите надежи на гостите за можна сензација. Лаутаро Мартинез беше одлично пронајден од Федерико Ди Марко во 65. минута од мечот за 2:1, а Хоакин Кореа во 68. минута зголеми на 3:1. Антонио Силва во 82. минута намали на 3:2, за Хрватот Петар Мусо да израмни на 3:3 во 95. минута.

Scroll to Top