Манчестер сити остануваат на добар пат да освојат „необична“ тројна титула, откако се пласираа во полуфиналето на ФА купот со 2:0 победа кај Њукасл.
Тимот на Пеп Гвардиола веќе ја загуби титулата од Премиер лигата, но го освоија Англискиот Лига куп по 2:1 победата над Астон вила, а уште се во игра и во Лигата на шампионите, каде што по првиот осминафинален меч имаат 2:1 предност пред Реал Мадрид. Во полуфиналето од ФА купот пак, на „Вембли“ тие ќе играат со Арсенал, додека во второто полуфинале играат Челси и Манчестер јунајтед.
Кевин де Брујне во 37. минута ги донесе „граѓаните“ во водство со гол од пенал, а по неизвесното второ полувреме и неколкуте промашени шанси на Њукасл, по една одлична акција почната од голманот Едерсон, Фил Фоден му асистираше на Рахим Стерлинг за 2:0 во 68. минута.