Двајца поранешни фудбалери од Ла лига добија едногодишна затворска казна, а поранешниот директор на Осасуна доби осумгодишна казна затвор откако судот одлучи дека тие се виновни за „местење“ мечеви, во првото успешно обвинение за корупција во спротот.
Поранешните фудбалери на Реал Бетис, Антонио Амаја и Ксабиер Торес беа осудени од судот во Навара дека земале пари за да влијаат на два меча во сезоната 2013/14, додека поранешните директори на Осасуна, Мигуел Арчанко, Хуан Аотнио Пасквал и Хесус Пералта, заедно со генералниот менаџер на клубот, Анхел Марија Вискај беа обвинети дека ги потплатиле фудбалерите за да се обидат Осасуна да остане во Ла лига. Вискај доби казна од осум години и осум месеци за измама и корупција во спортот, додека Амаја и Торес добија по едногодишна казна.
Амаја и Торес се согласиле да добијат 400.000 евра, за да ги победат директните ривали на Осасуна, Реал Валјадолид во претпоследното коло од сезоната, и дополнителни 250.000 евра за да загубат во последниот меч на гости кај Осасуна. Осасуна ги победи Бетис со 2:1 во последното коло, но сепак, не избегна испаѓање бидејќи другите резултати не им одговараа.
Со ова се урнаа старите „урбани митови“ дека во шпанскиот фудбал е легално да се нудат пари на противниците на крајот на сезоната за помош на победа против директните ривали.