Top Sport

Смолинг со смешен автогол ги „урниса“ Јунајтед, Фулам се сели во втората лига (видео)

Заврши „медениот месец“ за Оле Гунар Солскјер. Вулверхемптон успеа да слави со 2:1 против Манчестер јунајтед за да ги чини „ѓаволите“ скапоцени поени во борба за место во Лигата на шампионите, додека Ватфорд со 4:1 го декласираше Фулам и осигура клубот од Лондон следната сезона да игра во Чемпионшип по само една сезона во Премиер лигата.

Јунајтед допатува на тешкото гостување на „Молињу“ со желба за втора победа во низа, и работите тргнаа на добро кога Скот Мектоминеј го постигна првиот гол во дресот на Јунајтед во 13. минута. Меѓутоа, Вулверхемптон израмни по само 12 минути преку Диого Жота.

По ова следуваше можеби клучниот момент на стартот на второто полувреме, кога Ешли Јанг за само пет минути заработи два жолти картони и ги остави „ѓаволите“ со играч помалку. Ова се „исплатеше“ за домаќините, кога во 77. минута по несфатливо лоша реакција на Фил Џонс и Крис Смолинг, вториот си ја смести топката во сопствената мрежа. Со овој резултат Јунајтед останува на петтото место со 31 поен, исто колку Тотенхем пред нив, но Спарси имаат натпревар помалку. Челси се шести со 30 поени.

Ватфорд пак, со три гола во второто полувреме, стигна до 4:1 победа над Фулам, со која гостите и математички немаат шанси да обезбедат опстанок и заедно со Хадерсфилд се сигурни патници во втората лига.

Со ова се комплетира лошата година за клубот од „Крејвен котиџ“ во која тие сменија два тренери (Славиша Јокановиќ и Клаудио Раниери), и по едногодишна авантура во елитата се враќаат во Чемпионшип.

Scroll to Top