Фудбалерот на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ (СМС) би можел кариерата да ја продолжи во Манчестер јунајтед. Ова сценарио е можно само доколку фудбалерот на Барселона, Френки де Јонг дефинитивно одбие да се пресели во клубот од „Олд Трафорд“, пренесува британски „Дејли мејл“.
Овој извор потсетува дека Барселона има договор со Манчестер јунајтед околу обесштетувањето на холандскиот фудбалер, но Де Јонг го стопирал трансферот, бидејќи не сака да игра за англискиот клуб кој следната сезона нема да игра во Лигата на шампионите.
Холандскиот фудбалер ја одолговлекува одлуката да се пресели во Премиер лигата и покрај тоа што Барселона по секоја цена сака да го продаде.
Споменатиот медиум тврди дека Милинковиќ-Савиќ е првата алтернатива за Де Јонг, бидејќи челниците на „црвените ѓаволи“ го губат трпението и сакаат да ангажираат засилувања пред почетокот на сезоната во Премиер лигата.
Српскиот фудбалер е долгогодишен член на Лацио, а често ја носи и капитенската лента на римскиот клуб. Неговиот менаџер Матеја Кежман подготвува официјална понуда до Манчестер јунајтед за својот клиент.
Претходните години Лацио бараше 100 милиони евра за Милинковиќ-Савиќ, но се верува дека сега сумата изнесува околу 70 милиони евра.
Милинковиќ-Савиќ (27) има договор со Лацио до 30.јуни 2024 година.