Лацио стигна до 2:1 победа над Интер во неочекуваното големо дерби за скудетото во Италија, враќајќи се од гол негатива откако Ешли Јанг го постигна деби голот во дресот на „нераѕурите“, за да дојдат на само еден поен од Јувентус и да избегаат два на Интер.
Човек на одлука беше Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кој одличната партија за „лацијалите“ ја круниса со гол во второто полувреме. Лацио со ова ја продолжува низата на 19 меча без пораз, од последниот од 1:0 од Интер уште во септември минатата година.
Милинковиќ-Савиќ во првото полувреме упати една бомба од над 35 метра која се одби од пречката, а Лацио го зголеми притисокот при крајот на полувремето, за да биде „фатен“ на контранапад. Стракоша лесно го отфрли ударот на Кандрева, но топката дојде кај поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Ешли Јанг, кој со волеј ја смести топката во мрежата.
Во 50-тата минута од мечот се случи најконтроверзниот момент, кога судијата Џанлука Роки покажа пенал за Лацио, сметајќи дека Де Фрај го спречил Чиро Имобиле да постигне гол. Од белата точка Имобиле беше сигурен за израмнување, со својот 26. гол оваа сезона со што е „капоканониере“, најдобриот стрелец во лигата.
If this is a penalty….pic.twitter.com/YSJpndToIz
— Nima Tavallaey Roodsari (@NimaTavRood) February 16, 2020
По голот, темпото на играта се зголеми, а Милинковиќ-Савиќ во 69. минута го донесе Лацио во водство по една мешаница пред голот на Интер, упатувајќи ја топката убаво под испружениот Падели.
Антонио Конте го внесе во игра Кристијан Ериксен, кој веднаш ја покажа својата вредност, откако неговиот удар беше одбранет од Стракоша, а Јанг ја врати во шестнаесетникот за Лаутаро Мартинез да постигне гол. Сепак, тој беше во јасна офсајд позиција и резултатот остана 2:1. Чиро Имобиле во последните минути имаше уште една убава шанса за гол, но овојпат Падели беше на место.