Top Sport

Со аплаузи и песна, Михајловиќ испратен до вечното почивалиште

Синиша Михајловиќ денеска е погребан во Рим. Михајловиќ, три години се бореше со леукемијата, битката со тешката болест ја загуби на 16.декември. Михајловиќ е погребан во присуство на семејството.

До вечното почивалиште од пред базиликата „Света Марија“, Михајловиќ го испратија илјадници луѓе. Негови поранешни соиграчи, навивачи, луѓе од јавниот и политичкиот живот на Италија.

Пред базиликата беа неговиот кум Дејан Станковиќ, Драган Стојковиќ-Пикси, Владимир Југовиќ, кумот Мирослав тањга, Ненад Сакиќ, Дејан Савиќевиќ, Александар Коларов, Славиша Јокановиќ, тренерот на Партизан Гордан Петриќ, Франческо Тоти, Даниеле Де Роси, Бруно Конти, Франко Барези, Алесандро Неста, Роберто Манчини, Атилио Ломбардо, Џиџи Донарума кој на 16.годишна возраст дебитираше во Милан под палката на Михајловиќ… играчите и тренерите на Лацио и Болоња, делегации на сите клубови во кои настапуваше легендарниот фудбалер.

Во моментот кога сандакот со телото на Михајловиќ од базиликата беше префрлен во погребното возило, ултрасите на Лацио пееја во чест на Михајловиќ и запалија чадни бомби во боите на Лацио.

Михајловиќ е роден на 20. февруари 1969 година во Вуковар. Израснал во локалното Борово, каде што ја започнал кариерата во 1986 година.

Две години подоцна се пресели во Нови Сад во Војводина, а во 1990 година пристигна во Црвена звезда со која стана европски и светски првак.

По две сезони минати во „Маракана“, тој се пресели во Италија, каде го стекна статусот на еден од најдобрите дефанзивци во Серија А во дресот на Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.

Беше специјалист за слободни удари и пенали, а важи за еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата на фудбалот.

Тој го дели рекордот со Андреа Пирло за најмногу постигнати голови од слободен удар во историјата на Серија А – 28.

Со Лацио и Интер беше шампион на Италија, а со римскиот клуб го освои и Купот на победниците на куповите и Суперкупот на УЕФА.

Прогласен е за најдобар фудбалер на Југославија во 1999 година.

За репрезентацијата одигра 63 натпревари и постигна десет гола.

Scroll to Top