Top Sport

Солскјер ги „боцна“ Ливерпул: Ние сигурно нема да чекаме 30 години за титула

Иако на Манчестер јунајтед му оди очајно оваа сезона, нивниот менаџер Оле Гунар Солскјер е добро расположен пред дербито со Ливерпул, тим кој победи во сите осум меча оваа сезона, објаснувајќи дека за разлика од големите ривали, „ѓаволите“ нема да чекаат 30 години за домашна титула.

Ливерпул не станале европски шампиони од 1990 година, иако тимот на Јирген Клоп е прв фаворит оваа сезона и на „Олд Трафорд“ ова попладне (17.30 часот) ќе одат на рекордна 18. победа во низа. Од друга страна, Јунајтед имаат само две победи и во моментов се на 14. место со 15 поени зад Ливерпул.

Солскјер инсистира дека оваа ситуација е „привремена“ и дека нема да има долго чекање за титулата.

„Сигурен сум дека ќе се вратиме назад и ќе ја освоиме титулата, и сигурно нема да поминат 30 години до следната титула од Премиер лигата. Против Ливерпул, секако одиме на победа, бидејќи Манчестер јунајтед никогаш не игра на реми. Потребни ни се победи, без разлика дали се работи за Ливерпул, Манчестер сити или Брајтон. Со добар резултат ќе се смени менталитетот. Можеби моите фудбалери не веруваат доволно во самите себеси. Но, јас знам дека овие играчи се доволно добри и воопшто не сум загрижен“, изјави Солскјер.

Scroll to Top