Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, не гледал ништо необично во фотографијата од Дубаи, на која се гледа како Зинедин Зидан тренерот на Реал и играчот на Јунајтед Пол Погба уживаат во својот разговор.
Фотографијата ја објави „Дејли Мирор“, а многу други медиуми коментираа дека Погба се сретнал со својот иден тренер.
„Тоа е само фотографија. Кога сте во Манчестер Јунајтед луѓето ве фотографираат. Немам проблем со тоа“, рекол Солскјер на прес конференцијата во пресрет на дуелот со Ливерпул.
„Не сум слушнал дека Пол рекол дека не сака да биде овде. Пол сака да остане и да игра добро“.
Погба има договор со Манчестер Јунајтед до јуни 2021 година. Коментарите се дека сега била критичната фаза, бидејќи доколку остане во Јунајтед до крајот на договорот тогаш ќе може да замине како слободен фудбалер. Исто така доколку во меѓувреме не го продолжи договорот неговата цена ќе паѓа, а Зидан тука ја гледа шансата да го убеди да се пресели во Мадрид.
Инаку Зидан бил во Дубаи на семинар за вештачка интелигенција, а Погба таму се рехабилитира од повредата на глуждот.