Top Sport

Солскјер: Погба ќе биде тука и следната сезона

И покрај сите шпекулации за трансфер во Реал Мадрид или Јувентус, Оле Гунар Солскјер изјави дека го очекува Пол Погба во тимот за следната сезона, објаснувајќи дека Французинот има уште две години од неговиот договор.

Агентот на Погба, Мино Рајола минатиот месец изјави дека фудбалерот е посветен на клубот само до летото, но последните шпекулации велеа дека Французинот се предомислил откако во клубот пристигнал Бруно Фернандеш и дека сака нов договор со „ѓаволите“. Погба има само осум настапи оваа сезона поради повреда на скочниот зглоб, но Солскјер по 5:0 победата над ЛАСК Линц вели дека очекува тој да биде во тимот следната сезона.

„Пол е наш фудбалер. Тој има уште две години од својот договор и плус опција за уште една сезона. Затоа можете да го очекувате Пол да биде тука со нас и следната сезона, тоа е сигурно“, изјави Солскјер.

Победата во Австрија беше 11 меч без пораз за тимот на Солскјер, кој сега е петти во Премиер лигата.

Scroll to Top