Top Sport

Солскјер проговори за своите планови: Повторно да уживаме во фудбалот (видео)

Оле Гунар Солскјер во своето прво интервју откако стана преоден менаџер на Манчестер јунајтед вели дека првата цел му е фудбалерите на клубот повторно да уживаат во фудбалот, со што и навивачите ќе бидат задоволни.

Норвежанецот, кој е легенда на клубот, потпиша шестмесечен договор на позајмица од норвешкиот Молде по отказот на Жозе Мурињо во вторникот. По добро познатите конфликти на Мурињо со Пол Погба, Лук Шо, Ромелу Лукаку и други фудбалери, Солскјер вели дека прво мора да се подобри духот во тимот.

„Се чувствувам одлично, како да се вратив дома. Овие неколку дена беа хаотични, но беше одлично да се видат сите луѓе. Се работи за шест месеци и ќе се обидам да уживам во патот. Дома сум, и ќе бидам истиот човек. Знам дека клубот бара нов менаџер, така што јас ќе си ја вршам работата со Мик Фелан, Киеран Меккена и Мајкл Керик. Ќе ги натерам фудбалерите да уживаат во фудбалот и едвај чекам да ги видам фановите“, вели Солскјер.

Тој нема да има многу време за прилагодување, бидејќи Јунајтед ги очекуваат четири меча во 11 дена околу Божиќ и Нова Година.

„Имаме 23-24 фудбалери, кои се навистина квалитетни и кои ќе добијат шанса. Ќе имаат можност да покажат дека се вистински фудбалери за Манчестер јунајтед. Мораме да победуваме, бидејќи тоа е наша работа. Тоа што се случуваше, е во минатото. Сите почнмуваат од нула и сакам фудбалерите да го знаат тоа“, додава Солскјер.

Scroll to Top