Сопругата на хрватскиот капитен Лука Модриќ, Вања Босниќ била најангажирана да го „пресели“ нејзиниот сопруг во Интер, тврдат италијанските медиуми, кои додаваат дека таа воспоставила контакт со „нераѕурите“.
Според „Газета дело спорт“, Босниќ стапила во контакт со првите луѓе на Интер и агресивно агитирала за негов трансфер, а иако кај „нераѕурите“ имало расположение за ваков трансфер, тие знаат дека ако Модриќ реши да замине по шест години во Реал, нема да биде така лесно да се донесе на „Џузепе Меаца“.
Според шпанскиот весник „Марка“, ова би бил „невозможен“ трансфер, бидејќи и покрај тоа што има 33 години, во Реал сметаат на Хрватот кој ја освои златната топка како најдобар фудбалер на СП во Русија и ја предводеше Хрватска во финалето.
„Газета“ вели дека за да не се прекршат финансиските правила на УЕФА, Интер би морал да се договори за „позајмица“ со Реал Мадрид, но и така сумата би била огромна, бидејќи Модриќ добива по 10 милиони евра годишно.
Интер веќе има мала „хрватска колонија“, откако Шиме Врсаљко се приклучи на сонародниците, Иван Перишиќ и Марцело Брозовиќ во клубот, а со носење на Модриќ би биле најсериозни ривали на Јувентус и нивното ново засилување Кристијано Роналдо во Серија А.