Хоакин Кореа во првиот меч во дресот на Интер успеа да стане миленик на навивачите, откако за само шестнаесет минути успеа да постигне два гола за камбек 3:1 победа на гости кај Верона и совршен скор на актуелните шампиони по две кола во Италија.
На тимот на Симоне Инзаги на „Бентегоди“ веднаш му следуваше шок, откако младиот Србин Иван Илиќ постигна гол по само 15. минути игра. Сепак, „нераѕурите“ успеаја да израмнат преку Лаутаро Мартинез на стартот на второто полувреме (47.).
Откако не успеаја да ја пробијат одбраната на Хелас, Инзаги му даде шанса на својот миленик Кореа, кого инсистираше да го купат од Лацио во 74. минута од мечот. Веќе во 83. минута, Кореа скокна највисоко по одличната асистенција на Матео Дармијан за водство од 2:1, пред во 94. минута да стави печат на победата.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк