Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети одговори на прашање за пораката што му ја испратија навивачите на конференцијата пред натпреварот со Џенова во 37. коло од италијанскиот шампионат.
Да потсетиме, незадоволни од работата на Спалети, навивачите на наполитанскиот клуб направија транспарент на кој му го нудат неговиот украден автомобил „Фиат Панда“ во замена за заминување.
На транспарентот го пишува датумот кога е извршена кражбата на автомобилот на Спалети и пораката: „Спалети, ќе ти ја вратиме пандата…ако си заминеш!“ На потписот под пораката пишува „крадци“.
Автомобилот на Спалети беше украден на 16.октомври минатата година пред хотелот.
„Ако ми ја вратат пандата? Ќе видиме во каква состојба е, колку милји поминале со неа, какви се гумите. Ако нема цеде со песните на Пино Даниеле, нема да ја земам назад“, изјави Спалети, чиј тим е на третото место со 73 бода и со тоа обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
“Кога дојдов имаше рамнодушност. Многумина не се чувствуваа поврзани со Наполи. Се чинеше дека понекогаш само јас верувам во тимот. Сега сме во ЛШ и дури можеме да жалиме што не се боревме за титулата до крајот“, рече Спалети.