Лучано Спалети, откако неколку пати најави дека си заминува од Наполи по шампионската титула, не сакаше да ги коментира зборовите на претседателот Аурелио де Лаурентис, кој изјави дека да си тренер на Наполи треба да е „привилегија, а не обврска“.
Откако на гости кај Болоња пропуштија 2:0 водство за 2:2 реми, Спалети најави дека уште го прославува скудетото.
„Нема да го коментирам претседателот. Ментално сум фокусиран на прославите со моите играчи и со моите луѓе, кои заслужуваат најдобро на светот. Уште сум во тие прослави и затоа денеска мечот беше одличен“, изјави Спалети.
И покрај сите шпекулации, Спалети не потврдува дека ќе си замине.
„Многу работи остануваат. За да изградиш сезона каква што имавме, потребни се сите компонтенти. Дури и атмосферата и расположението на луѓето во Неапол влијае. Те мотивира, те крева кога си во депресија. Одете да ги сретнете тие луѓе за да сфатите“, додава Спалети.