Јувентус и Наполи приредија вистински спектакл во второто коло на „Алијанц“ стадионот во Торино. Јувентус победија 4-3 со авто-голот на Кулибали постигнат во 93 минута од натпреварот.
Јувентус одлично го отворија мечот, во интервал од три минути постигнаа два гола со кои обезбедија сигурна предност. Најпрвин Данило погоди во 16 минута што е негов прв гол за Јувентус. Интересно Бразилецот влезе во игра на местото на Де Шиљо, а на теренот мина помалку од 30 секунди пред да го постигне голот.
Три минути подоцна мајсторија на поранешниот играч на Наполи, Гонзало Игуаин. Аргентинецот лесно се ослободи од Кулибали и го погоди спротивниот агол.
По еден час игра резултатот беше 3-0. Роналдо на асистенција на Даглас Коста го постигна првиот гол во сезоната.
Од тој момент се случи неверојатен пад во играта на „страта дама“. Манолас и Лозано во 66 и 68 минута ги постигнаа своите први голови за Наполи и резултатот беше 3-2. Наполитанците целосно се вратија во мечот кога Ди Лоренцо погоди во 81 минута.
Кога сите очекуваа крај на мечот Јувентус доби слободен удар, Пјаниќ нафрли, а Кулибали иако сам со несмасна реакција ја затресе сопствената мрежа.
Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас играше од 73 минута кога влезе на теренот на местото на Алан. Во самиот финиш тој доби жолт картон.