Top Sport

Спорни се три трансфери, УЕФА покрена истрага против ПСЖ

Германецот Јулијан Дракслер (29) го напушти Пари Сен Жермен и кариерата ќе ја продолжи во Ал Ахли, соопштија францускиот и катарскиот клуб. Дракслер, кој игра за ПСЖ од 2017 година, потпиша двегодишен договор. Претходно од ПСЖ во Катар се преселија Марко Верати, кој потпиша договор со Ал Араби, како и на дефанзивецот Абду Диало.

За ПСЖ забележа 198 настапи, постигна 26 гола, а минатата сезона ја мина на позајмица во Бенфика. Во текот на кариерата играше и за Волфсбург и Шалке. За германската репрезентација забележа 58 настапи и постигна седум гола.

Веднаш по објавувањето на овој трансфер, „Марка“ објави дека УЕФА покренала истрага против ПСЖ.

Спорни се овие трансфери во Катар, бидејќи државата Катар е сопственик на ПСЖ.

Марко Верати беше продаден за 45 милиони евра, Абду Диало за 15 милиони, а Јулијан Дракслер за девет милиони евра. ПСЖ од тие трансфери заработи вкупно 69 милиони евра.

Доколку истрагата покаже дека овие трансфери се направени само за да му се вбризгаат пари на ПСЖ потребни за да биде испочитуван финансискиот фер-плеј, можно е УЕФА да ги замрзне тие пари и да одбие да ги вброи во пресметката на ФФП.

Scroll to Top