Еден од најголемите фудбалери на сите времиња, Диего Армандо Марадона денеска го прославува својот 57. роденден.
Плејмејкер кој играше на класичната позиција 10, Марадона е првиот фудбалер во историјата кој двапати го сруши рекордот за својот трансфер – прво во Барселона (5 милиони фунти), а потоа во Наполи (6.9 милиони фунти). Во кариерата тој играше за Аргентинос Јуниорс, Бока Јуниорс, Барселона, Наполи, Севилја и Њуел Олд Бојс.
Неговата репрезентативна кариера беше блескава – тој играше на четири Светски првенства, вклучувајќи го и СП во Мексико во 1986 каде што ги предводеше „гаучосите“ до победа над Западна Германија. Таа година тој славно постигна два гола за Аргентина во четврт-финалето против Англија, еден со фантастичен слалом, друг со рака – славната „божја рака“, како што ја нарече.
За одбележување е и скандалот на СП во 1994 година во САД, кога беше исфрлен по два натпревари поради позитивен допинг тест. За Аргентина тој одигра 91 натпревар и постигна 34 гола.
Во ноември 2008, тој стана селектор на аргентинската репрезентација, предводејќи ги на Светското првенство во Јужна Африка.