Top Sport

Срна открива зошто ја одбил Барселона

Легендата на Шахтјор кој сега работи како помошен тренер во клубот Дарио Срна одговорил на бројни прашања што му ги поставиле навивачите на „Инстаграм“. Меѓу другото Срна открил дека ја пишува својата биографија.

Срна (37) долги години е во Украина, во Шахтјор пристигнал во 2003 година од Хајдук Сплит. Украина ја смета за своја втора татковина.

Открил дека сака да организира проштален натпревар во Доњецк на Донбас арена. Шахтјор веќе неколку години не игра во овој град кој се наоѓа под контрола на про-руските сили.

Одговарајќи на прашањето на еден навивач Срна ја открил причината зошто во јануари во 2017 година решил да ја одбие понудата што ја испратиле од Барселона.

„Го послушав срцето. Не можев да заминам од Шахтјор додека се водеше војна. Не сакав луѓето да помислат дека заминувам од клубот бидејќи Шахтјор мораше да го напушти Доњецк. Почувствував дека тоа е важен момент во нашите животи. Знам колку ме почитуваат и сакаат во Доњецк, исти чувства имам и јас, едноставно не сакав да ги разочарам тие луѓе. Не жалам поради одлуката да ја одбијам Барселона. Моето срце реши да останам во Шахтјор“, рекол Срна.

Дарио Срна 15 години го носел дресот на Шахтјор, одиграл 536 натпревари и освоил 26 трофеи.

Scroll to Top