Уникатниот стадион во Доха, познат под името „974“, од катар се сели во друга држава. Синоќа на овој стадион својот осминафинален натпревар го одиграа Бразил и Јужна Кореја (4:1).
ФИФА претходно објави дека ќе го подари овој стадион со капацитет од 44.000 седишта на една од членките на ФИФА во развој.
Наводно, фаворит за добивање на стадионот е Косово, се споменува и Гибралтар, но и некои помали земји кои се членки на ФИФА.
Инаку, стадионот „974“ е првиот монтажен стадион во историјата на Светските првенства, изграден е од контејнери, поточно 974 контејнери, поради што го доби името.
Покрај осминафиналето помеѓу Бразил и Јужна Кореја, на овој стадион се одиграа и шест натпревари од групната фаза на овогодинешното Светско првенство.
Првиот натпревар беше дуелот меѓу Мексико и Полска (0:0), потоа Португалија – Гана (3:2), Франција – Данска (2:1), Бразил – Швајцарија (1:0), Полска – Аргентина (0: 2) и Србија – Швајцарија (2:3).
Стадионот „974“ имаше генерална проба за Светското првенство во 2021 година, на Арапскиот куп, а на полуфиналниот натпревар меѓу Тунис и Египет (1:0) на трибините имаше 36.427 навивачи.
На местото на стадионот, во Доха по неговото отстранување ќе се градат парк и неколку станбени згради.