Италијанскиот прволигаш Болоња се јави како изненадувачка локација за трансфер на поранешниот напаѓач на Ливерпул, Даниел Стариџ.
Договорот на Англичанецот со „црвените“ заврши на крајот на минатата сезона и сега според „Сандеј експрес“, Болоња му понудила нов договор, со кој 29-годишниот напаѓач ќе мора да се согласи на значително намалување на платата од 120.000 фунти неделно кои ги добиваше на „Енфилд“.
Стариџ постигна 67 гола во 160 настапи во шест и пол сезони со Ливерпул, а минатата сезона ја освои Лигата на шампионите со нив. Сепак, во последните сезони, слабата форма и недоволната физичка подготвеност го ограничија на малку настапи.