Македонскиот првак Струга Трим Лум има голема шанса да направи исчекор во елитното европско натпреварување. На стадионот „Билјанини извори“ во Охрид денеска (17 часот) го пречекува литванскиот првак Жалгирис и со триумф ќе обезбеди пласман во следната рунда и дуели со турскиот гигант Галатасарај. Тоа секако е огромен мотив за фудбалерите на Шпетим Дуро.
„Не загубивме во Литванија и можам да кажам дека бевме рамноправен противник. Но, Жалгирис и понатаму е поискусен тим во европските купови, а ние ќе ја имаме помошта на публиката на своја страна. Треба да бидеме мудри и да одиграме перфектно. Се разбира, тоа нема да биде лесно, но сигурен сум дека фудбалерите ќе дадат сѐ од себе да успееме“, изјави Шпетим Дуро.
Пеколно жешкото време ќе биде противник и за двата тима. Мечот е закажан за 17 часот, а билетите на стадионот „Билјанини извори“ се распродадени.