Top Sport

Суарез со нови два гола, но Селта „извлече“ поен на „Ванда Метрополитано“

Барселона реши да го пушти Луис Суарез за „мали пари“ минатото лето, што може да се покаже како една од најголемите фудбалски грешки во 2020/21, откако уругвајскиот ветеран го постигна својот 15. и 16. гол во Ла лига оваа сезона за Атлетико Мадрид, но тоа не беше доволно за три поени, откако Селта со гол во 90-тата минута извлече 2:2 реми на „Ванда Метрополитано“.

Работите не почнаа најдобро за „јорганџиите“  – Санти Мина по само 13. минути ги донесе Селта во водство, пред на сцена да стапи Суарез. Тој прво во 45. минута израмни на 1:1, за само што почна второто полувреме да донесе 2:1 водство. Водството не успеаја да го заддржат, откако новото засилување на Селта, Аргентинецот Факундо Фереира во 90-тата минута се најде на вистинското место по лошата реакција на цела одбрана на домаќините.

Со поенот, Атлетико се одвои на 8 поени пред Барселона и Реал Мадрид и тоа со натпревар помалку, а Суарез стана првиот фудбалер кој постигнал најмалку 15 гола во прва сезона со нов тим во Ла лига по Кристијано Роналдо со Реал Мадрид.

Scroll to Top