Мексиканскиот судија Цезар Рамос се огласи по критиките дека го оштетил Мароко во полуфиналето на Светското првенство. Мароко загуби од Франција со 0:2, утре против Хрватска ќе игра за бронзениот медал.
Поголемиот дел од јавноста смета дека Рамос ги оштетил Мароканците проив Франција. Поточно дека два пати требало да покаже на белата точка за фудбалерите од Мароко.
Убеден дека добро си ја завршил работата, на Инстаграм објавил контроверзна порака.
„Мои пријатели, драги Мароканци. Ве молам да бидете трпеливи. Доколку не сте задоволни од натпреварот, можете да поднесете колективна жалба на веб-страницата на ФИФА и натпреварот може да се игра повторно“, напиша Мексиканецот.
Мароко поднесе жалба до ФИФА за судењето на овој натпревар, пред се поради ситуацијата во која Тео Ернандез стартуваше над Софијан Буфал, а наместо очекуваниот пенал, Рамос му додели жолт картон на Мароканецот.
Исто така, Мароканците сметаат дека фаулот над Селим Амалах требало да биде пенал.
„Фудбалскиот сојуз на Мароко (ФМРФ) му пиша на релевантното тело да ги разгледа одлуките на судиите кои го оштетија мароканскиот тим за два пенали кои беа чисти според мислењето на неколку судиски експерти. ФМРФ исто така е зачудена што ВАР не реагираше“, се вели во соопштението на ФМРФ.