Мајкл Оливер, младиот англиски судија за кого Џиџи Буфон изјави дека наместо срце има „канта за ѓубре“, е именуван за главен судија на ФА куп финалето меѓу Манчестер јунајтед и Челси на 19 мај.
Ова е знак на поддршка за Оливер од страна на англиската федерација, откако судијата беше вмешан во скандалозната завршница на четврт-финалето од ЛШ помеѓу Реал Мадрид и Јувентус на „Сантијаго Бернабеу“.
Оливер досуди пенал за Реал во 93. минута од мечот во моменти кога Јувентус водеше со 3:0 и така имаше обезбедено продолженија. Играчите на Јуве нормално реагираа, по што Оливер му даде црвен картон на капитенот Буфон. Кристијано Роналдо постигна гол и ги однесе Реал во полуфиналето.