Освојувачот на италијанскиот куп, Лацио стигна до 3:1 победа над националниот шампион Јувентус во Ријад, Саудиска Арабија за освојување на трофејот од италијанскиот Суперкуп во последниот меч од 2019 за двата тима.
Ова е втора победа на Лацио над „бјанконерите“ за само две недели, откако претходно со 3:1 го победија големиот ривал во меч од Серија А, за прв пораз на Маурицио Сари на клупата на шампионот.
Луис Алберто донесе предност за римскиот клуб во 19. минута од мечот по одлична акција. Сенад Лулиќ успеа да го помине Матија де Шиљо, по што нафрли за Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кој топката му ја постави на Алберто за убав гол.
Јувентус, кои повторно играа со Кристијано Роналдо, Пауло Дибала и Гонзало Игуаин во нападот, израмнија во финиот на полувремето, кога Роналдо шутираше, а топката заврши пред нозете на Дибала за 1:1. Одлучувачкиот момент дојде во 73. минута, кога Лулиќ по убава акција на Лацио уште еднаш го совлада Шчесни за водство на Лацио, а точка на натпреварот беше ставена во 93. минута, кога Данило Каталди со прекрасен гол од слободен удар ги постави конечните 3:1 за петти трофеј од Суперкопа Италија за Лацио.