Top Sport

Тадиќ насмеан пред дуелот со Португалците: Да ставиме шлаг на тортата

Квалификациите за пласман на СП се пред крај, а Португалија и Србија утре во директен дуел ќе одлучуваат кој директно ќе ја завери визата за Катар 2022.

На Роналдо и другарите им е доволен бод во Лисабон, а избраниците на Драган Стојковиќ мора да триумфираат ако сакаат да го избегнат баражот.

Еден од најдобрите српски фудбалери во квалификациите, Душан Тадиќ (Ајакс) на прес-конференција пред утрешниот меч насмеан и со многу оптимизам пред португалските новинари.

„Имаат Португалците добри поединци, Кристијано Роналдо е еден од најдобрите во светот. Тука се Бернардо Силва, Рубен Дијаш, Жозе Фонте. Не обрнуваме многу внимание на тоа што дефанзивецот Пепе нема право на настап, има Португалија добри поединци на таа позиција. Ќе се обидеме да го неутрализираме нивниот квалитет. Ќе биде вистинска борба на теренот, публиката ќе ужива“ рече Тадиќ.

Тој вели дека го врзуваат убави спомени од Лисабон. Тој дополнително ги збуни домашните новинари откако рече дека „орлите“ дошле да уживаат и да бидат насмеани.

„Имам убави спомени од овој град, со клубот неодамна го победив Спортинг со 5-1, а против Бенфика овде игравме пред 3 години, беше 1-1, постигнав гол. Наше е да се препуштиме, да уживаме, да бидеме насмеани и да видиме кој е подобар“ вели капитенот на српската репрезентација.

Тој упати пофалби и за селекторот Драган Стојковиќ Пикси.

„Откако `мистер` дојде на селекторската позиција, се чувствува нова енергија. Се врати култот на репрезентацијата, играме добро и атрактивно, народот тоа го препозна. Нашата екипа во квалификациите ја краси заедништво, се врати вербата во српскиот фудбал и утре треба само да ставиме шлаг на тортата“ рече Тадиќ.

Scroll to Top