Натпреварот Хетафе-Ајакс е еден од оние што привлекува најголемо внимание на почетокот на нокаут-фазата во Лига Европа. Хетафе и оваа сезона се вистинско освежување во шпанскиот фудбал, се наоѓаат на третото место во Ла Лига, додека Ајакс е еден од фаворитите за трофејот во Лига Европа.
Во пресрет на натпреварот весникот „АС“ ја вжештува атмосферата со текстот со наслов „Тадиќ го навреди Хетафе“.
Насловот е пресилен, а се однесува на изјавата која Тадиќ ја дал во пресрет на натпреварот.
„Играчите на Хетафе се воини. Се борат за секоја топка, даваат сѐ од себе на теренот. Физички се силни, а во дуелите доколку е потребно одат и преку границите на дозволеното. Хетафе е силен тим, ги гледав во саботата против Барселон. Беа поразени со 2:1, но можеше да биде 2:2. Да бидам искрен, заслужија реми“, рекол Тадиќ.
Тој зборувал и за предностите што може да ги има Ајакс против силниот противник.
„Доколку и против нас играат таков пресинг тоа значи дека ќе им многу простор на нивната половина. Поради тоа ние ќе треба брзо да размислуваме, да го користиме тој простор. Нема да биде лесно, но ние сме Ајакс“.
Натпреварот Хетафе-Ајакс на „Колосеум Алфонсо Перез“ ќе се одигра в четврток од 18:55 часот.