Top Sport

Тарабт: Милан психолошки ме уништија

Мароканскиот репрезентативец и играч на Џенова, Адел Тарабт вели дека бил „психолошки уништен“ во периодот кога играл за италијанскиот гигант Милан.

28-годишниот Тарабт помина шест месеци на „Сан Сиро“ како позајмен играч од Квинс Парк Ренџерс од јануари до јуни 2014 година, постигнувајќи четири гола во 16 настапи за тимот.

„Тоа искуство ме уништи психолошки. Имав добри натпревари со ’росонерите’ и бевме блиску до договор, но тогаш дојде Пипо Инѕаги и направи поинаков избор. Да се вратиш во КПР откако играш во Лигата на шампиони покрај ѕвезди како Кака навистина болеше. Имав и добри пријатели во Италија како Марио Балотели. Јас сум како него – потребна ни е љубов. Има големо срце и најде вистинско место во Ница“, изјави Тарабт во интервју за „Газета дело спорт“.

Талентот на Тарабт е неспорен, но многумина му пререкуваа дека работната дисциплина не е на исто ниво.

„На почетокот на кариерата, работев само со талентот. Не верував во напорна работа и сакав само да победувам. Сега сфаќам дека работите се поинакви, дека фудбалот е тимска игра. Кога пристигнав во Џенова, бев толку надвор од форма, по што ослабев неверојатни 11 килограми. Не беше лесно, но сега сум поинаков човек. Сега ако не тренирам еден ден, се чувствувам лошо“, додава Тарабт.

Scroll to Top