Top Sport

Татковци и синови со мундијалски настапи: Малдини, Алкантара… Но, само Чичарито е „феномен“!

Тимоти Веа, синот на легендата на Милан, Џорџ Веа денеска се запиша во листата на стрелците на едно Светско првенство, чест каква што никогаш немаше неговиот славен татко, кој воопшто не играше на ниту едно СП со својата Либерија и покрај блескавата кариера.

Маркус Турам, пак, може да ја продолжи традицијата и да настапи за Франција на СП, откако неговиот славен татко, Лилијан Турам настапи на три СП за „триколорите“ и ја освои титулата во 1998 година и загуби во финалето од Италија во 2006.

Но, кои се фудбалерите кои ја продолжиле традицијата на своите татковци со настап на СП? Тоа досега им успеало на шест фудбалери: Паоло Малдини, Диего Форлан, Јури Џоркаеф, Чичарито Ернандез и Тијаго Алкантара.

Таткото на Малдини, Чезаре Малдини, секако долго време беше италијански репрезентативец, додека таткото на Диего Форлан, Пабло Форлан играше за Уругвај на Светските првенства во 1966 и 1974 година. Таткото на Јури Џоркаеф, Жан Џоркаеф настапи за Франција на СП во 1966, додека таткото на Тијаго Алкантара (кој не е повикан во шпанската репрезентација овојпат), е популарниот Мазињо, кој за Бразил настапи на СП во 1994 и ја освои титулата.

Најинтересен е случајот на поранешната ѕвезда на Манчестер јунајтед. Хавиер Ернандез, попознат како Чичарито, кој исто така не е повикан во мундијалскиот тим на Мексико поради конфликт со селекторот. Неговиот татко, Хавиер „Чичаро“ Ернандез беше дел од мексиканскиот тим кој на домашен терен во 1986 година стигна до четврт-финалето, додека неговиот дедо од страната на неговата мајка, Томас Балказар беше дел од мексиканската репрезентација во 1954 година.

Scroll to Top