Претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас ги критикуваше Французите за откажувањето на сезоната во Лига 1, споредувајќи ги фудбалските мечеви со работа во затворена фабрика или рибарење на брод, оценувајќи дека нема поголема опасност од ширење на корона вирусот.
Французите беа приморани да ја откажат сезоната по забраната за масовни собири, неколку дена откако и Холанѓаните одлучија да стават предвремен крај на сезоната во Ередивизие. Во Шпанија, пак, премиерот Педро Санчез во вторникот објави дека професионалните спортисти, вклучувајќи ги фудбалерите, можат да се врата на ограничени тренинзи веќе од 4 мај.
Тебас смета дека Ла лига мора да продолжи со одредени мерки на безбедност.
„Не сфаќам зошто би имало повеќе опасност во фудбалот без публика, со сите потребни мерки, отколку работењето во затворена фабрика или рибарењето на брод. Ако важните економски сектори не можат да се рестартираат во безбедна околина, им се заканува исчезнување. Истото е и со фудбалот. Во другите земји, тимовите веќе тренираат и тоа е пример кој треба да го следиме. Во Шпанија, фудбалот е важен економски двигател кој мора да се рестартира“, вели Тебас.
По 27 кола, Барселона има два поени предност пред ривалите Реал Мадрид, а Севилја и Реал Сосиедад се во позиција која води во Лигата на шампионите, додека Хетафе, Атлетико Мадрид и Валенсија се на позиции со кои би играле во Лига Европа.