Поранешниот фудбалер на Челси, Карлтон Кол му порача на Теми Абрахам да ја искористи огромната шанса да биде фудбалер со бројот 9 на „сините“, откако новиот тренер Френк Лампард реши да го искористи 21-годишниот Англичанец како главен напаѓач против Манчестер јунајтед.
Челси загуби со 4:0, но младите Абрахам и Мејсон Маунт покажаа дел од својот квалитет. Како Абрахам, и Карлтон Кол произлезе од школата на клубот од „Стемфорд бриџ“, но не успеа да се пробие во првиот тим со Дидие Дрогба, Ернан Креспо и Еидур Гудјонсен, по што замина во Вест хем. Лампард исто така беше еден од соиграчите на Кол.
„Ова е фантастична шанса за Теми Абрахам. Кога јас бев таму, се борев за живот и за секоја минута. Се надевам дека момците на Френк знаат каква голема шанса е ова. Јас би сакал да добијам ваква прилика. Теми посебно мора да се покаже. Тој е добар фудбалер, има уште многу да учи, но сега е во Челси во Премиер лигата, најдобро школо. Лампард му верува и тоа е победничка ситуација. Абрахам треба да верува“, вели Кол.