Top Sport

Тен Хаг: Јас сум човекот кој ќе му ја врати славата на Јунајтед

„Убеден сум дека ќе успеам, успеав секаде“, со овие зборови, во интервју за „Скај спорт“, менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг, ја уверува јавноста дека ќе им ја врати славата на „црвените ѓаволи“.

Пред натпреварот од второто коло на Премиер лигата, Тен Хаг за „Скај спорт“, зборуваше за целите на „црвените ѓаволи“ и за можностите за освојување на титулата.

Првото коло од новата сезона ги врати навивачите на Јунајтед во суровата реалност. Поразот од Брајтон беше разочарувачки, а неубедливиот преоден рок, отсуството на стратегија, отсуството на план дополнително ја уништува вербата на навивачите. Се чини дека со секој нов менаџер ситуацијата се влошува, но Тен Хаг уверува дека може и подобро.

„Ако седам тука четири години, сигурен сум дека ќе имаме една титула. Не можам да барам трпение од навивачите, се надевам дека ќе бидат трпеливи, бидејќи сакаат победнички тим и затоа сум тука. Сепак, морам да го донесам. За тој процес е потребно време“, изјави Холанѓанецот.

Тој даде изјава слична на онаа што ја даде Јирген Клоп при неговото пристигнување во Ливерпул. Германецот доби доволно време да го врати Ливерпул на врвот, Тен Хаг можеби нема да има таква среќа.

„Многу работи беа лоши на првиот натпревар. Почнувајќи од резултатот, но и од перформансите. Не бевме добри во многу работи. Тоа е нормално за почетокот на сезоната. Бевме добри на подготовките, но сега ни недостасуваат двајца играчи“.

Тен Хаг во интервјуто зборуваше за Кристијано Роналдо, Кристијан Ериксен, трансферите, но и за тоа дека е свесен за задачата што сега ја има во Англија по пристигнувањето од Ајакс.

„Тоа е голем предизвик и тоа го знаевме и претходно. Потребно е време, а во фудбалот понекогаш немате време за толку голем предизвик. Пред десет години Јунајтед последен пат беше шампион. Успехот доаѓа брзо, но враќањето на победничките патеки е долгорочен процес и бара многу работа, добра стратегија, вистински луѓе и работа од ден на ден“, додава Тен Хаг.

Јунајтед во сабота од 18:30 гостува кај Брентфорд и мора веднаш да почне да победува доколку сака да се врати на врвот.

Scroll to Top