Top Sport

Тен Хаг ќе има 200 милиони фунти за засилувања, 12 фудбалери заминуваат!

Ерик Тен Хаг се наоѓа пред сличен предизвик како Сер Алекс Фергусон во 1986 година, да изгради „нов“ Манчестер јунајтед, со значителен фонд за засилувања (200 милиони фунти според англиските медиуми) и со дури 12 фудблери на излезна врата од „Олд Трафорд“.

Катастрофалниот 4:0 пораз од Ливерпул во вторникот најдобро ја покажа големината на задачата на Тен Хаг, кој ќе стане петтиот постојан менаџер на „ѓаволите“ по пензионирањето на Фергусон во 2013 година. Слично како Фергусон пред 40-тина години, Тен Хаг ќе мора да го смени менталитетот на клубот и да почне речиси од нула.

Пол Погба, Немања Матиќ, Џеси Лингард, Единсон Кавани, Хуан Мата и Ли Грант остануваат без договори во текот на летото и ниту еден од нив нема да биде заддржан. Но, уште шест фудбалери може да очекуваат заминување – Арон Ван Бисака, Ерик Баји, Фил Џонс, Алекс Телес, Антони Марсијал и Маркус Рашфорд.

На Фергусон му беа потребни четири години да стигне до првиот трофеј и во клубот, со новиот извршен директор Ричард Арнолд се свесни дека и на Тен Хаг би му било потребно исто време. Се верува дека главна цел летово ќе бидат Хери Кејн и Деклан Рајс, со поефтини опции како Дарвин Нуњез од Бенфика и Рубен Невеш од Вулверхемптон.

52-годишниот Тен Хаг, по сите успеси со Ајакс, сега се наоѓа пред најголемиот предизвик во кариерата – или ќе стане легенда на „ѓаволите“ или ќе биде уште еден во листата на тренери кои се „сопнале“ од преголемите очекувања. Холанѓанецот со кратка изјава ги кажа амбициите.

„Голема чест е да се биде поставен за менаџер на Манчестер јунајтед и возбуден сум од предизвикот кој е пред нас. Ја познавам историјата на големиот клуб и страста на навивачите и апсолутно сум посветен да развивам тим кој е способен да го носи успехот кој го заслужува“, вели Тен Хаг.

Тен Хаг е новиот менаџер на Манчестер јунајтед

Scroll to Top