Top Sport

Тен Хаг воведе ред во соблекувалната на Манчестер јунајтед

Новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Холанѓанецот Ерик тен Хаг полека воведува ред во соблекувалната на „црвените ѓаволи“, објавија британските медиуми. За разлика од неговите претходници Оле Гунар Солскјер и Ралф Рангник, Холанѓанецот сака со цврста рака да воведе ред на „Олд Трафорд“.

Тен Хаг им забранил на играчите да пијат алкохол во текот на неделата, ќе имаат редовно мерење и ќе бидат казнети доколку не се во форма, а ги предупредил какви последици ќе има доколку новинарите во секој моемент имаат информации што се случува во соблекувалната.

Исто така ги предупредил фудбалерите да не се потпираат на нивните лични готвачи и да јадат храна обезбедена од клубот.

„Мислам дека тоа ни недостасуваше некое време. За мене дисциплината не е само начинот на кој играш на теренот, позицијата што ја имаш, што треба да правиш, туку е и надвор од теренот. Не доцни за состаноци, не доцни на оброците“, рекол Бруно.Фернандеш за „Дејли Мејл“.

„Неговите идеи се јасни, правилата се јасни, само треба да се држиме до тоа. Мислам дека тоа е многу важно бидејќи ако сите пристигнат на време, а некој доцни, треба да биде казнет“, додаде португалскиот играч за врска.

Манчестер јунајтед досега одигра три натпревари на азиската подготвителна турнеја, забележувајќи три победи. Ги победи Ливерпул со 4:0, Мелбурн Виктори 4:1 и Кристал Палас 3:1.

Scroll to Top