Ако некој бразилски фудбалер постигне гол со рака за време на Светското првенство во Русија во 2018 година или добие предност со мамење, треба да ја признае вината на судијата, вели селекторот Тите.
„Мој играч кој ќе види дека судијата прави нешто погрешно во негова корист, мора да го признае тоа. Ако се работи за игра со рака, тогаш веднаш нека признае. Нема проблем ако јас сум критикуван. Важни се совеста и принципите“, вели Тите.
Ферплејот е „жешка тема“ во Бразил оваа година по два инциденти кои го вклучуваа Жо, поранешниот напаѓач на Манчестер сити и Евертон, кој сега игра за Коринтијанс, стариот тим на Тите.
Жо требаше да добие картон во мечот со Сао Пауло во април, но неговиот противнички играч, Родриго Кајо на судијата му објасни дека тој е виновен за ударот, а не Жо. Неколку месеци подоцна, Жо даде гол со рака за 1:0 победа над Васко да Гама, по што демантираше дека играл со рака во интервјуата, за подоцна да признае дека згрешил.
Тите, кој нема пораз во 12 меча откако стана селектор минатиот јуни, вели дека трансформираниот Бразил мора да игра фер во Русија.