Top Sport

Тјери Анри се врати дома – стана тренер на Монако

Најдобриот стрелец во историјата на француската репрезентација и легенда на Арсенал, Тјери Анри стана нов тренер на Монако, кои го отпуштија Леонардо Жардим минатата недела по мизерните резултати.

За Анри ова е враќање каде што ја започна својата кариера и каде што играше од 1994 до 1999 година и тој има тригодишен договор до јуни 2021 година. Анри досега беше помошник на белгискиот селектор Роберто Мартинез, а сега се наоѓа во интересна ситуација да биде тренер на Монако, додека на ривалскиот клуб Ница тренер е неговиот поранешен соиграч Патрик Веира.

„Благодарам на Монако што ми дадоа шанса да станам тренер на овој посебен клуб за мене. Пресреќен сум што се враќам во Монако и подготвен сум за предизвиците“, вели Анри.

Тој нема тренерско искуство, но работеше како асистент на Мартинез од 2016 и беше дел од Атимот со кој стигна до третото место на СП во Русија. Анри претходно ја одби понудата од Бордо, а беше во игра и да дојде во Астон вила.

Монако нема победа во 10 меча во низа, и првата задача за Анри ќе биде да го врати тимот во конкурентна позиција, откако последните пет сезони беа во топ 3, а во 2017 година ја освоија титулата.

„Тјери е свесен за предизвикот пред него. Тој може да смета на нашата доверба и поддршка за воведување на нова динамика во клубот. Неговото познавање на спортот, страста кон фудбалот и посветеноста го направија изборот лесен“, вели директорот на клубот, Вадим Василјев.

Scroll to Top