Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Томе Пачовски, е нов член во стручниот штаб на нашиот сениорски национален тим. Поранешниот голман во домашните клубови Пелистер, Брегалница Делчево, Работнички, Вардар, интернационалец во грчкиот тим Јоникос и белгиските клубови Бершот и Мехелен ќе биде вклучен во стручниот штаб на селекторот Благоја Милевски како тренер на голманите во А репрезентацијата на Македонија.
„За мене е голема чест што добивам можност да работам во националниот тим на Македонија. Со многу радост му се приклучувам на тимот предводен од селекторот Милевски. Верувам во оваа екипа и се надевам дека ќе помогнам. Имаме потенцијал, квалитетни фудбалери, селектор кој е студиозен, ништо не остава на случајност, работи според планирана програма и сака модерен фудбал. Ги познавам фудбалерите во тимот, имаме квалитетни голмани и ќе се обидам да помогнам да бидат подобри и постојани во настапите. Заеднички ќе се трудиме да ја задржиме и надградиме позивната атмосфера во составот. Нѐ очекуваат големи предизвици во следниот периот, но секој вистински спортист се радува на тоа“, изјави Томе Пачовски.
Тој има 46 настапи за нашиот национален тим. За македонската репрезентација дебитираше во 2006 година на пријателскиот натпревар против Турција, а последниот настап во дресот на Македонија го имаше на мечот против Украина во 2015 година.