Двете несфатливи грешки на еден од најдобрите голмани на светот, Алисон Бекер, дозволија Манчестер сити да стигнат до моќна 4:1 победа на гости кај Ливерпул, носејќи ја првата победа во кариерата на Пеп Гвардиола на славниот храм на фудбалот „Енфилд“ и во исто време носејќи ги на пет поени предност пред Манчестер јунајтед на врвот на табелата со натпревар помалку.
Мечот кој според англиските медиуми требаше да даде одговор на прашањето дали Ливерпул е способен да ја сврти лошата форма и да се врати во борба за одбрана на титулата, помина во знакот на „машината“ на Гвардиола, која повторно функционираше како што тој сака за тешко да се види кој може да им конкурира во Англија оваа сезона.
Работите не тргнаа најдобро за Сити. Илкај Гундоган во 37. минута доби шанса да ги донесе во водство, но несфатливо го утна пеналот, за сепак да се поправи во 49. минута. Сепак, Ливерпул се врати, со свој гол од пенал во 63. минута, кога Мохамед Салах беше сигурен.
Потоа следуваше „колапсот“ на шампионот. Откако им беше поништен гол во 71. минута, Гундоган ја искористи првата грешка на Бекер за да го врати водството, за само три минути подоцна, со уште една несфатлива грешка, Рахим Стерлинг да зголеми на 1:3. Катастрофата ја потврди Фил Фоден со фантастичен гол во 83. минута од мечот.
За Ливерпул, пак, ова е несфатлив трет домашен пораз во низа, откако претходно имаа 68 меча без пораз на „Енфилд“ и тие се на четвртото место на табелата со 40 поени, 10 поени помалку од Сити, и само еден поен пред петтопласираниот Вест хем.