Лондонските клубови Вест хем и Тотенхем се извинија за однесувањето на нивните фудбалери, откако Серхио Регуилон, Џовани Ло Селсо и Ерик Ламела од Тотенхем и Мануел Ланзини од Вест хем го поминаа Божиќ заедно, прекршувајќи ги британските правила за КОВИД-19.
Во фотографија која е објавена од еден од пријателите на фудбалерите на Инстаграм, се гледаат четирите фудбалери заедно со 11 други возрасни луѓе, 2 деца и едно бебе, иако според правилата за Лондон, не беше дозволено мешање за Божиќ освен со тие со кои живеете.
„Крајно сме разочарани и го осудуваме однесувањето на дел од нашите фудбалери за Божиќ, посебно поради жртвувањето кое го прават сите во земјата за време на празниците. Правилата се јасни, нема исклучоци и работата ќе биде решена внатре во клубот“, објавија од Тотенхем.
И Вест хем беа јасни во осудата на Ланзини.
„Клубот поставува највисоки стандарди со почитување на протоколите и мерките за КОВИД-19, така што сме разочарани од однесувањето на Мануел Ланзини. Тој е казнет и потсетен на својата одговорност“, објавија од Вест хем.