Top Sport

„Трагичарот“ Гонзало Игуаин потврди дека веќе нема да игра за Аргентина (видео)

Напаѓачот на Челси, Гонзало Игуаин потврди дека веќе нема да игра за аргентинската репрезентација по фијаското на Светското првенство минатата година, откако оттогаш не беше повикан за избор, и не изддржа да не упати уште една „стрела“ кон неговите критичари.

31-годишниот Игуаин не се прослави во дресот на „албиселесте“ и навивачите нема да му ги заборават клучните грешки во финалињата на Светското првенство во 2014 и на Копа Америка во 2015. Неговиот последен гол за Аргентина беше во октомври 2016 (во квалификациски меч со Перу), а откако на СП во Аргентина не успеа да постигне гол, новиот селектор Лионел Скалони не го повика, преферирајќи ги Мауро Икарди, Лаутаро Мартинез, Дарио Бенедето и Матијас Суарез.

„Мислам дека е готово, размислувајќи околу таа тема, моето време заврши. Сакам да уживам со моето семејство и со мојата кариера. На радост на многумина, моето време заврши. Сега можете да престанете да се грижите дали сум таму или не“, вели Игуаин во интервју за „Фокс спортс“.

Игуаин се натпреваруваше во три финалиња покрај фудбалери како Лео Меси и Серхио Агуеро и ги загуби сите три, за што смета дека само ги зголемило критиките.

„Ние бевме наречени губитници за тоа што игравме во три финалиња и што не победивме. За мене неуспех е нешто друго, но сега нека се грижат за новите фудбалери. Некои луѓе повеќе сакаат да критикуваат отколку да навиваат“, вели Игуаин, кој ја завршува репрезентативната кариера со 31 гол во 75 натпревари, со што е шести на вечната листа на Аргентина.

Scroll to Top