Белгија се пласира во четврт-финалето на Светското првенство во Русија, откако во трилер натпревар против Јапонија успеа да се врати по негативата од два гола и да слави со погодокот на Шадли во 94.минута. Белгијците во четврт-финалето ќе играат против Бразил.
Пресметката во Ростов донесе здодевен фудбал во првиот дел и вистински спектакл во второто полувреме.
Белгија, во првите 45 минути, не успеа да ја наметне својата игра, односно не успеа да го пробие блокот на јапонската одбрана. Компани ја имаше најсериозната шанса за Белгија во овој период од натпреварот, додека Јапонците најблиску до погодок беа по киксот на Куртоа.
Почетокот на вториот дел им припадна на Јапонците. Најпрвин Харагучи, во 48.минута, ја искористи лошата реакција на Вертонген и од контра со прецизен удар го совлада Куртоа.
Веќе во наредниот напад Азар го затресе дирекот од голот на Квашима.
Четири минути по водечкиот гол, нов шок доживеаја Белгијците. Иниу си прецизен удар од 22 метри го натера Куртоа повторно да ја вади топката од својот гол.
По вториот гол Фелаини и Шадли влегоа во игра кај Белгија.
Белгијците ја намалија предноста на Јапонците со среќниот гол на Вертонген во 70.минута, а четири минути подоцна одличната кација на Азар и неговиот центаршут во гол за израмнување го претвори Фелаини.
Следуваше десет минутна опсада на голот на Кавашима, кој на неверојатен начин ги одбрани ударите на Шадли и Лукаку.
Во последните пет минути ритамот на мечот целосно падна, двете репрезентации ги очекуваа продолженијата, кога Белгија изведе молскавичен напад. Јапонија доби корнер, нелогично се решија Јапонците на нафрлување, Куртоа ја собра топката, а потоа му отвори контра на Де Брујне, тој го проигра Муние, а бекот на ПСЖ додаде до Шадли кој од пет метри ја смести во јапонскиот гол за конечни 3:2.
Белгија во четврт-финалето ќе игра против Бразил на 6. јули, во 20 часот на стадионот во Казањ.