Top Sport

Тренерите бараат укинување на правилото „гол во гости“

Дел од врвните европски фудбалски тренери побараа европската федерација (УЕФА) да го разгледа користењето на правилото „гол во гости“ во континенталните натпреварувања, бидејќи постигнувањето голови на гости веќе не е толку тешко како во минатото.

Во европските купови и во натпреварувањата на репрезентациите, како баражите за квалификација на СП и ЕП, доколку има израмнет резултат по двата натпревари, прво се разгледува правилото „гол на гости“, односно тимот кој има постигнато повеќе голови на гостински терен оди понатаму.

Заменикот генерален секретар на УЕФА, Џорџо Маркети потврди дека федерацијата ќе „отвори дискусија“ откако на големиот годишен состанок ова го побараа тренери како Масимилијано Алегри (Јувентус), Карло Анчелоти (Наполи), Унаи Емери (Арсенал), Пауло Фонсека (Шахтјор), Хулен Лопетеги (Реал Мадрид), Жозе Мурињо (Манчестер јунајтед), Томас Тухел (ПСЖ) и поранешниот долгогодишен менаџер на Арсенал, Арсен Венгер.

„Тренерите исто така сакаат преодниот рок да завршува насекаде во исто време. Околу голот во гости, тие велат дека постигнувањето голови на гостински терен не е толку тешко како во минатото“, изјави Маркети.

Правилото „гол во гости“ беше првпат воведено во поранешниот Куп на победници на купови во 1965 година, како алтернатива на фрлање паричка или играње на повторен натпревар на неутрален терен. Тогаш, играњето во европските купови дефинитивно беше поголем предизвик од сега – со послаби форми на транспорт, непознати странски терени, нешто што сега е рутина.

Scroll to Top