Македонската фудбалска репрезентација денеска без напаѓачот Иван Тричковски ќе ги започне подготовките за претстојните два натпревари во Лига на нации.
Напаѓачот на АЕК Ларнака, на вчерашниот натпревар на неговиот тим против Ермис, се здобил со повреда на адукторот поради што бил заменет по еден час игра.
Тричковски денеска и утре ќе има испитувања, а потоа селектор Игор Ангеловски ќе добие потврда дали ќе биде во можност да му се приклучи на националниот тим.
Инаку, Тричковски се наоѓа во одлична форма и во досегашниот тек од сезоната, во сите натпреварувања, има постигнато десет гола за екипата од Ларнака.
Првиот тренинг на репрезентацијата на Македонија ќе го одржи вечерва во 19:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Македонија на 13. октомври на Националната арена „Филип Втори“’ во Скопје ќе го пречека Лихтенштајн, а три дена подоцна ќе гостува во Ерменија.
фото: ffm.mk